МОЖНО Е! Игор Карачиќ повторно во дресот на Вардар

Кога пред осум години, Хрватот Игор Карачиќ повреден дојде во Вардар предводен од Веселин Вујовиќ, сигурно дека малкумина веруваа дека средниот бек ќе стане еден од најдобрите странци што играл во „црвено-црниот“ дрес. Карачиќ остави длабока трага во седум сезони поминати во Скопје и во Вардар, освои две европски шампионски титули, пет титули во СЕХА лигата и многу титули во македонските конкуренции. Заедно со Стоилов се единствените што ги имаат сите пет титули во СЕХА лигата.

Пред една година си замина од Вардар во полскиот Виве Келце, со кој потпиша договор на три сезони. На играчки план Карачиќ имаше одлична сезона, даде 34 голови во ЛШ, стигна со тимот до осминафиналето, а освои титула во полскиот шампионат.

Сепак работите во Келце, како и во многу други клубови поради коронавирусот, не одат во позитивна насока. Двата главни спонзори на тимот, компаниите ПГЕ Груп и Виве, веќе најавија дека за следната сезона ќе одвојуваат само половина од тие финансии што ги давале во клубот.

Претседателот Бертус Сервас најави дека до средината на мај ги замолил за трпение сите ракометари, по што ќе има повеќе детали за финансиската конструкција на тимот. Карачиќ, заедно со Душебаев и Вулф, се триото најскапи ракометари во Келце, па Сервус можеби свесно ќе „жртвува“ еден од нив за да ги намали трошоците, како што тоа беше случај пред две сезони со Деан Бомбач.

Карачиќ по заминувањето од Полска пред да се затворат границите, цело време го поминува во Скопје со неговата вереница, Македонката Душица Андоновска. Според информациите на 24Ракомет, првичните контакти меѓу него и новото раководство на Вардар со кое Карачиќ има одлични односи веќе се направени. Веројатно Карачиќ ќе почека информација што ќе се случува со Келце, па потоа ќе размислува …

Грото од тимот на Вардар што играше сезонава, најверојатно ќе го продолжи својот престој во Скопје, а веќе се воспоставени контакти и со потенцијални засилувања за следната сезона, се нудат и многу играчи. Едно е сигурно, дека Вардар ќе има тим што ќе може да одговори на обврските во Лигата на шампионите, можеби не за највисок пласман, а шансата ќе се чека од позадина.