„Можеби сум блондинка, но не сум глупава“

Една од ракометарките што заминуваат од рускиот шампион Ростов Дон е централниот бек Ирина Никитина.

Таа во новата сезона ќе настапува за тимот на Астраханочка, кој ќе претендира следната сезона на врвот во Русија.

„Јас лани од Будуќност дојдов во Ростов и имав договор на една година со можност да продолжам на уште една. Но во ноември лани, заработив повреда на раката ги пропуштив следните два месеци. Клубот, јас и мојот менаџер требаше да преговараме за продолжување на договорот пред Нова Година, но тренерот Мартин Амброс замоли да го одложиме тоа за месец или два. Но не се согласив и сфатив дека нема смисла да останувам уште една сезона. Како што знаете веднаш по СП, во Ростов дојде Јарослава Фролова, а беше објавено дека доаѓа и Французинката од Мец, Грас Заади. Можеби сум блондинка, но не сум глупава да не сфатам за што се работи. Пет средни бека е премногу за секој клуб. Сакам да играм, а не само да седам на клупата и да им давам аплаузи на моите колешки“, вели Никитина за рускиот „Брз Центар“.

Ростов остана без многу ракометарки од минатата сезона, а нема донесено адекватни засилувања, па ЦСКА Москва на Сара Ристовска станува прв фаворит за титулата во Русија следната сезона.