Младинките имаат цел пред себе – место во финалето носи мундијалски квалификации

Младинската женска репрезентација на Македонија настапува на ЕХФ шампионатот во Скопје и останува во игра за место во полуфиналето со три бода. Избраничките на Љубомир Савевски ја совладаа Босна и Херцеговина, а одиграа реми со Фарски Острови. Утре и задутре ги имаат средбите со Холандија и Косово пред себе.

Доколку се пласираат во полуфиналето, ќе се соочат со една од најдобрите две селекции во групата А, а тоа ќе бидат Белорусија или Полска. Место во финалето, освен злато или сребро на ЕХФ шампионатот, сепак не носи место на ЕП, со оглед на тоа што таков пласман се обезбедува само преку кадетските ЕХФ шампионати.

Но пласман во финалето носи награда – место на квалификациски турнир за младинското Светско првенство што ќе се игра во 2022 година.

Тоа ќе се игра во Словенија, а ќе играат 32 репрезентации. Освен за домаќинот, ќе има место уште за 14 европски селекции. Меѓу нив најдобрите 12 од тековното младинско ЕП ќе обезбедат мундијалски билет, па ќе останат уште две слободни места.

Тие ќе бидат пополнети од квалификацискиот турнир што ќе се игра во ноември или декември годинава, најверојатно со седум селекции. Тоа ќе бидат најслабите три од ЕП во Словенија, како и финалистите од ЕХФ шампионатите во Македонија и Италија.

Најдобрите две селекции на тој турнир ќе го комплетираат европскиот дел од Мундијалот, што ќе се игра во Словенија следното лето. Сепак, сето ова треба да биде потврдено од страна на ЕХФ и ИХФ во периодот што следува.