Мишевски: И ние имаме свои адути и квалитет

Машката македонска репрезентација ги привршува подготовките за настапот на претстојното Европско првенство во Унгарија и Словачка.

Средниот бек Марко Мишевски откри дека максимално се сработени сите задачи од селекторот и се работи на ситни детали од играта.

„Во овие последните неколку тренинзи работиме на сите ситни детали на нашата игра. Ја консолидираме одбраната, а секако работевме и на нападот. Тактички и Физички сме подготвени, ги анализиравме сите наши ривали и во овие неколку дена ќе ги одработиме максимално сите зададени задачи од селекторот. Подготвени сме за стартот на Европското првенство“, вели Мишевски.

Членот на Вардар вели дека се анализирани сите противници во групата.

„Што се однесува до ривалите во нашата група, имаме одиграно доста натпревари со Словенија. Ги познаваме добро, тоа е селекција која има квалитетни играчи, кои играат главна улога во своите клубови во Лигата на шампиони. Исклучително силна репрезентација, можеби тие се фаворити, но ние секако дека се надеваме на позитивен резултат, бидејќи имаме свои адути, а секако и квалитет. Црна Гора исто така е квалитетна екипа. Тој двојбој во 2.коло ќе биде важен и за двете екипи, секако дека нема да ги потцениме. Ние ќе играме максимално на сите три натпревари во групата па така ќе биде и на оваа средба. Данска е светски шампион и можеби фаворит и за европскиот трон. Ние ги изненадивме во Скопје во квалификациите за ова Европско првенство. Мораме да веруваме во себе и овој пат“, заврши Мишевски.

Македонија го стартува ЕП со натпревар против Словенија на 13 јануари, а потоа ќе игра на 15 со Црна Гора, а на 17 јануари со Данска.