Митревски прогласен за најдобар голман во Португалија

Битолчанецот Никола Митревски, кој го брани голот на Порто, е прогласен за најдобар голман во Португалија за сезона 2021/22. Репрезентативецот на Македонија во претходните две сезони имаше одлични настапи меѓу стативите за португалскиот тим во рамките од домашното првенство и Лигата на шампионите.

Митревски во конкуренција со голманот на Бенфика, Сергеј Ернандес и голманот од Спортинг Лисабон, Мануел Гашпар, доби најмногу гласови во онлјан гласањето кое беше спроведено од специјализираниот спортски портал за ракомет во Португалија „Mundo do Andebol“.

Македонецот освои 48,9% од гласовите, додека Сергеј Ернандес од Бенфика заврши на 2. позиција со 19,3%. Голманот на Спортинг Лисабон, Мануел Гашпар доби 13,7% од вкупниот број на гласови.

Членот на македонската репрезентација за сезона 2021/22 беше номиниран за најдобар голман во Лигата шампионите, а за 2021 година беше прогласен за најдобар голман во Португалија од читателите на „7 Metros“.

Голманот од Македонија остави одличен впечаток кај челниците на Порто, посебно по одличните партии во Лигата на шампионите. Тоа беше причина двете страни да ја продолжат соработката на уште две години. Искусниот голман во својата кариера го носеше дресот и на Еурофарм Пелистер, Вардар, Металург, Бенфика, како и на романска Констанца.