Митревски номиниран за најдобар голман во ЛШ, конкуренцијата пеколна

Репрезентативецот на Македонија и член на Порто, Никола Митревски, е номиниран за најдобар голман за оваа сезона во Лигата на шампионите откако имаше одлично издание во најголемиот дел од натпреварите во најквалитетното европско натпреварување.

ЕХФ, која традиционално го избира тимот на сезоната пред одржувањето на Ф4 турнирот во елитното европско натпреварување, денес ги објави најдобрите шест голмани, меѓу кои и Никола Митревски, а еден од нив со гласовите на ракометните фанови ќе биде избран за најдобар голман за оваа сезона.

Во конкуренција за најдобар голман , освен Митревски, сѐ и Никлас Ландин (Кил), Бенјамин Буриќ (Фленсбург), Андреас Волф (Келце), Гонзало Перез де Варгас (Барселона) и Родриго Коралес (Веспрем).

За Никола Митревски може да гласате преку мобилната апликација на ЕХФ, односно на следниот ЛИНК.