Митревски и Порто го срушија Спортинг, на чекор се до нова титула во Португалија

Екипата на Порто каде што настапува Никола Митревски оствари важна победа во првенството на Португалија и славеше 28:29 на гостувањето кај Спортинг со што се зацврсти на првата позиција на табелата и се доближи до шампионската титула.

Никола Митревски беше во составот на Порто, бранеше едно полувреме и успеа да одбрани три удари на противникот. Предводник на Порто беше Ареиа кој постигна десет гола меѓу кои и победничкиот во последните секунди.

Иако после првото полувреме Спортинг имаше водство од 13:10, сепак во продолжение Порто успеа да направи пресврт и да обезбеди важна победа во самата завршница.

Во следното коло Порто игра против Санјоаненсе на домашен терен што е одлична можност тимот на Митревски да ја продолжи победничката серија. Порто сега има 76 бода на првото место, Спортинг е втор со 73 бодови, на четири кола до крајот.