Миркуловски со триумф ја отвори 2020 во Бундес лигата

Заврши зимската пауза во Бундес лигата, а прв од македонските претставници на терен беше Филип Миркуловски со Вецлар. Во 21. коло од најдобрата лига во Германија и прв натпревар годинава Вецлар оствари победа над Бергишер oд 27:24.

Поранешниот среден бек на репрезентацијата на Македонија и колегите успеаја да триумфираат, а во победата Филип Миркуловски постигна три гола.

Вецлар добро го почна натпреварот и го имаше почетното водство, потоа следуваа неколку промашувања во напад што Бергишер го искористи да поведе првпат во 12. минута со 7:6. Домашниот тим многу брзо се врати во позитива и до крајот на првиот дел успешно се одржа во водство, а по 30 минути беше 15:13 за Вецлар.

Во поголемиот дел од продолжението Вецлар имаше предност од три гола, само во 46. минута Бергишер се закани и намали на минус еден но не успеа да израмни. Со головите на Миркуловски и Линдског повторно домаќинот обезбеди сигурна предност која ја задржа до крај за успешен почеток на 2020 година.

Со овој триумф Вецлар се зацврсти на 8. позиција на табелата со 22 бода, додека Бергишер останува на 10. позиција со 17 бодови.