Минатата сезона беше меѓу најдобрите голмани во СЕХА, сега ќе го менува Гедбан во Адемар Леон

По заминувањето на голманот Калифа Гедбан во Динамо Букурешт, Адемар Леон бараше алтернативна замена на голманската позиција.

Замената беше пронајдена во младиот голман од Србија, Милан Бомаштар кој во шпанскиот клуб ќе пристигне од Металопластика Шабац. Веста за неговиот трансфер беше официјално потврдена на клупската страна на Адемар Леон.

Бомаштар со Адемар Леон потпиша договор на три сезони, а ова ќе биде негов прв интернационален предизвик.

22-годишниот голман остави одличен впечаток во изминатата сезона со неговите партии меѓу стативите во рамките од СЕХА лигата, иако Металопластика немаше позабележителни резултати во регионалното натпреварување.

Младиот голман својот деби настап за сениорската репрезентација на Србија го имаше пред еден месец во Ниш каде српската репрезентација одигра две пријателски средби со Македонија.

Својата кариера, Бомаштар ја стартуваше во Футог од Нови Сад. Го бранеше голот и на Лавови од Бачка Паланка, а од 2015 година го носеше дресот на Металопластика Шабац.