Микел Хансен со ново признание, тој е играч на годината во Данска

Членот на екипата на ПСЖ и најдобар ракометар на Данска, Микел Хансен е избран за ракомтар на годината во својата земја.

Ова признание доаѓа од Здружението на ракометарите во Данска, а ова е веќе шести пат Хансен да е избран за најдобар ракометар. Во изборот влегуваат играчи од двата ранга во данскиот ракомет и професионални играчи во странство.

„Исклучително сум среќен и горд што колегите ме избраа за ракометар за 2019 година во Данска. Имаше многу играчи кои имаа навистина прекрасна 2019 година и супер е да се добие награда за која гласаа дури и колегите. Минатата година за мене беше многу добра и освојувањето на наградата во овој период кога нема многу ракомет ме прави многу среќен“, истакна Хансен.

Микел минатата година ја почна со освојувањето на Светското првенство со репрезентацијата на Данска. Таму беше и најдобар стрелец и избран за најдобар ракометар на првенството.

При изборот тој доби 35% од гласовите. Зад него останаа голманот Никлас Ландин со 26 и Расмус Лауге со 22 проценти.