Мешков Брест со две победи се загреа за Еурофарм Пелистер, главен тест ќе биде домашниот турнир

Белорускиот првак Мешков Брест славеше две победи над рускиот тим ЦСКА Москва во првите пријателски натпревари пред стартот на новата сезона.

Избраниците на Дани Гардо триумфираа со 34-30, односно 35-28. На првиот меч најдобар стрелец беше Вајлупов со седум гола, додека новаците Кашпарек и Бонфон дадоа по шест погодоци.

Главниот тест за Мешков Брест пред двомечот од осминафиналето од СЕХА лигата против Еурофарм Пелистер ќе биде турнирот во Брест од 13 до 15 август, на кој ќе играат против Чеховски Медведи, Мотор Запорожје и Азоти Пулави.

Првиот меч меѓу Еурофарм Пелистер и Мешков Брест се игра на 21 август во Битола, додека реваншот е на 29 август во Брест.