Мешков Брест се загреа со двоен триумф пред гостувањето во Битола

Противникот на Еурофарм Пелистер во четвртфиналето од СЕХА лигата, Мешков Брест, одигра пријателски натпревари против рускиот суперлигаш Динамо Астрахан, кој исто така се подготвува за настапите на домашна сцена.

Белорускиот шампион кој претрпе голем број на промени во играчкиот кадар двапати тестираше против екипата на Динамо Астрахан. Пред гостувањето во Битола, избраниците на Дмитри Тихон ќе играат на турнирот „Белгазпромбанк“.

Мешков Брест на двата пријателски дуели против Динамо Астрахан забележа победа. Првиот натпревар го доби минимално, со два гола разлика, 28:26 (15:12), додека на вториот оствари убедлива победа од десет гола разлика, 35:25 (21:11). Најдобри партии на овие средби прикажаа крилата Баранов и Јуринок, па тренерот на битолчани Ларс Валтер знае од каде доаѓа најголемата опасност.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Мешков Брест што носи место на Ф4 во СЕХА, се игра на 25 август во Битола во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:15 часот.