Металург оди во историја – да живее Металург РА: Котевски на клупа, Дупјачанец и Маркоски во Прва лига

Петмина ракометари кои во есенскиот дел од сезоната го носеа дресот на Металург – Александар Петковски, Даниел Дупјачанец, Велко Маркоски, Дамјан Субашевски и Димитар Бардакоски, во продолжение од сезоната ќе настапуваат во Првата лига во тимот на Металург РА. Тоа значи дека суперлигашот Металург нема да ја доигра сезоната, и се уште се наоѓа под суспензија од ЕХФ што важи за домашното првенство.

На клупата на Металург РА се наоѓа и тренерот од првиот тим, Игор Котевски. Тој заедно со Миле Бочкаровски ќе го формираат стручниот штаб, плус Златко Јанакиевски кој е кондиционен тренер. Пред извесен период, Металург, го напуштија и Костадин Петров, Бобан Каковски и Андреј Митиќ, додека по завршувањето на есенскиот дел од сезоната си заминаа сите странци.

Тоа многу веројатно значи дека првиот тим нема повеќе да настапува во суперлигашката конкуренција, а црното сценарио беше најавено уште на почетокот на месец февруари, иако раководството правеше големи напори долгот за кој никој официјално не потврдува колкав е да го подмири во најбрз можен рок. Клубот доби и спортски ваучер, но според овој потег на управата, веројатно истиот не е реализиран.

Со ваквата ситуација, во плеј-аут фазата од Супер машката лига, каде што требаше да игра Металург, ќе се натпреваруваат пет екипи наместо шест, а екипата на Металург РА ќе добие искусни ракометари кои ќе му помогнат на тимот да оствари солидни резултати во плеј-аут фазата од Првата лига.