Металург имаше добар финиш, но Ѓорче Петров си замина со цел плен од Автокоманда

Екипата на Ѓорче Петров по обврските на меѓународна сцена се врати на настапите во домашниот шампионат и на денешното гостување во Автокоманда кај Металург забележа триумф со резултат, 26:24, во натпревар од групата Б.

Избраничките на Симе Симовски уште во првиот дел најавија дека ќе атакуваат на сигурна победа. Металург во ниту еден момент не поведе на средбата, а освен нерешените 1:1, сѐ мина во знакот на гостинките, кои ја казнуваа секоја грешка на домаќинот и стигнуваа до лесни погодоци.

Ѓорче Петров во 10 минута се одлепи на 5:2 и како одминуваше времето беше посигурен и по конкретен во играта. Домашниот тим на моменти успеваше да парира, во еден момент се закани и се доближи, со цел да го загрози водството на противникот, но немаше шанса за нешто повеќе.

Актуелниот шампион на Македонија во преостанатиот дел од вторите 30 минути беше во резултатска предност од три до четири гола разлика и не дозволи екипата на Металург да има било какви шанси за евентуален пресврт. Ѓорчепетровки на полувреме заминаа со активен резултат од 12:9.

Во продолжението целосно се распадна играта на Металург, кој влезе во уште поголема криза. Ѓорче Петров со серија од 3:0 се одлепи на 16:9 и тука беше јасно дека ракометарките на Дамчевска ќе треба да го дадат последниот атом од силите доколку сакаат да се вратат во дуелот.

Дел од главните стрелци во тимот на Металург беа целосно запрени, па така Ѓорче Петров имаше полесна задача во последниот период од натпреварот, во кој Металург успеа да да ја преполови негативата. Металург во финишот се консолидира, заигра поангажирано и во 50 минута намали на само два гола негатива, 23:21.

Илјаз со неколку интервенции го врати Металург во живот, па така домаќинките во 55 минута дојдоа до 23:22 и само нијанси одлучуваа кој ќе ја добие денешната битка. Кризниот период во Ѓорче Петров беше прекинат со голот на Дамјановска за 24:22 (56 минута), а минута подоцна Ангела Јанкуловска зголеми на 25:22. Домаќинот во последната минута со два гола во низа повторно дојдо до минус еден гол негатива, 25:24, а победата на Ѓорче Петров беше заверена со голот на Дамјановска за конечни 26:24.

Најдобри стрелци во победничката екипа беа Емилијана Ризоска со шест и Катерина Дамјановска со пет погодоци. Во поразениот табор се истакна Ива Божиноска со шест реализации.