Маркоски: Магдебург е фаворит, ама ние ќе се бориме за добар резултат

Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги очекува првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на Европа против бундеслигашот Магдебург.

Пикерот Никола Маркоски вели дека германскиот тим е фаворит, но дека ќе дадат се од себе за позитивен резултат

„Секој натпревар со бундеслигаш е голем натпревар. Штета што нема публика да биде поинтересно. Ќе дадеме сè од себе да извлечеме добар резултат во Битола, па во реваншот ќе се бориме колку што можеме. Секако дека Германците се фаворити, ние ја имаме улогата на аутсајдери и наше е да покажеме дека тоа не е така. Карактеристиките за нивниот најдобар ракометар Безјак ни се познати. Добро влече полуконтра и игра еден на еден, така да ќе се обидеме да го затвориме. Голема улога во играта на Магдебург има и десниот бек со шутевите од надворешните позиции“, вели Маркоски.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Магдебург се игра утре во „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.