Мандалиниќ: Ќе го дадам најдоброто од себе, сакам титули со АЕК

Поранешниот репрезентативец на Хрватска, Стипе Мандалиниќ, својата кариера ќе ја продолжи во грчкиот вицешампион, АЕК Атина. Искусниот ракометар е најновото засилување во клубот од Атина по Иван Мацкевич од Мешков Брест и пивотот од Азоти Пулави, Лукаш Рогулски.

Хрватот кој во дресот на Еурофарм Пелистер мина две сезони, во кои не успеа да ја освои националната титула или Куп трофејот на Македонија, очекува дека тоа ќе го оствари со новиот клуб.

Во изјава за клупската страна на АЕК Атина, Мандалиниќ ги сподели своите очекувања за новата сезона.

,,Драги пријатели од АЕК, минатата сезона имав можност да играм против овој тим и видов дека се работи за голем и амбициозен клуб. Имам и пријател кој играше за АЕК и тој ми раскажа за одличните услови за клубот и имаше само пофални зборови за Атина каде ќе останам со семејството. Целта ми е да ги освојам титулите во Грција и да му помогнам на тимот да се претстави во добро светло во Европа. Ќе го дадам максимумот за АЕК и за неговите навивачи” изјави Мандалиниќ.

Мандалиниќ ја почна кариерата во Котекс Сплит, пред да заигра за Загреб и Карловац. Потоа се пресели во бундеслигашот Фуксе Берлин, од каде што дојде во Македонија. За Еурофарм Пелистер постигна 126 погодоци во двете сезони во Лигата на Европа.

Трансфер бомба од јужниот сосед: Стипе Мандалиниќ потпиша за АЕК Атина!