Трансфер бомба од јужниот сосед: Стипе Мандалиниќ потпиша за АЕК Атина!

Поранешниот ракометар на Еурофарм Пелистер, Стипе Мандалиниќ, во следната сезона ќе настапува за вицепрвакот на јужниот сосед, АЕК Атина.

Хрватскиот лев бек потпиша договор на една сезона со тимот што беше ривал на битолскиот клуб во Лигата на Европа.

Тој беше член на Еурофарм Пелистер минатите две сезони, но се чини дека не ги исполни до крај очекувањата на битолските навивачи.

Мандалиниќ ја почна кариерата во Котекс Сплит, пред да заигра за Загреб и Карловац. Потоа се пресели во бундеслигашот Фуксе Берлин, од каде што дојде во Македонија. За Еурофарм Пелистер постигна 126 погодоци во двете сезони во Лигата на Европа.

Покрај хрватскиот лев бек, тимот на АЕК Атина, кој ја загуби титулата од Олимпијакос, за следната сезона ги донесе голманот Иван Мацкевич од Мешков Брест и пивотот од Азоти Пулави, Лукаш Рогулски.