Мандалиниќ: Еурофарм Пелистер вреди многу како тим, полни сме со ентузијазам

Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги очекува тежок натпревар против екипата на АЕК Атина во рамките од 3. коло во Лига на Европа. „Фармацефтите“ во претходните две кола не се покажаа во најдобро светло, беа поразени од Ним и одиграа само реми на гостувањето во Швајцарија кај Кадетен Шафхаузен.

Еден од носителите на играта во Еурофарм Пелистер, Стипе Мандалиниќ се надева на добар резултат на првиот меѓусебен дуел против АЕК Атина. Одличните партии на Еурофарм Пелистер во Супер лигата и Купот на Македонија беа само загревање за денешниот дуел со грчкиот првак и зголемување на самодовербата кај сите играчи во битолскиот тим.

„Атмосферата во нашата екипа е одлична, влеговме во добра серија и се издигнавме од црната дупка, но сега сме комплетни и полни со ентузијазам за останатите натпревари од Лига на Европа. Гледавме многу видеа од нашиот ривал, направивме добра анализа и мислам дека одлично се подготвивме“, изјави Мандалиниќ за 24 Ракомет.

Левиот бек за неговиот тим имаше пофални зборови и се надева дека Еурофарм Пелистер ќе обезбеди повисок пласман во Групата Д.

„Мислам дека имаме многу добар тим, вредиме многу, а дали тоа ќе биде доволно за добар резултат, останува да видиме. Ние ќе дадеме сѐ од себе да се пласираме на повисока позиција во нашата група“, заврши Мандалиниќ.

Средбата се игра денес со почеток од 18:45 часот.