Македонско дерби во Романија: Штериова ги однесе бодовите од гостувањето кај Ливриниќ

На дуелот меѓу двете македонски интернационалки во Романија победа и припадна на Марија Штериова која со тимот на Минаур Баја Маре гостуваше во Букурешт кај составот на Рапид за кој игра Елена Ливриниќ.

Баја Маре славеше со 27:20 во натпревар со две различни полувремиња. Првиот дел тимот на Баја Маре го доби само со 14:13, но потоа работите дојдоа на едно друго ниво во кое гостинките доминираа.

Марија Штериова на оваа средба беше стрелец на четири гола, додека Ливриниќ беше добро чувана, па само трипати го погоди голот на составот на Баја Маре.

После овој натпревар тимот на Рапид Букурешт се наоѓа на 11. позиција од 14 екипи во лигата, додека Баја Маре е на 3. позиција и има убави шанси да се избори за место во некој од европските купови за следната сезона.