Македонското трио го водеше ПАОК до нова победа

Во шампионатот на Грција во женска конкуренција денеска беше одигран натпревар меѓу ПАОК и Панорама во рамките од Б групата, а на победа се радуваше екипата од Солун со убедливи 37:18.

Гостинската екипа пружи солиден отпор до првата половина од првиот дел, но во остатокот од натпреварот немаше доволно сила да му парира на фаворитот за освојување на шампионската титула. На полувреме домашните имаа веќе убедливо водство од 17:9 така што во продолжението беше сосема доволно да се зголемува разликата и да се дојде до севкупен триумф.

Свој солиден настап во убедливата победа имаа репрезентативките на Македонија, Дајана Јовановска со четири и Марија Николиќ со три гола. Третата Македонка во тимот, Андреа Белеска постигна три гола.

По елиминациите во Европскиот куп, екипата на ПАОК е фокусирана на настапите во домашниот шампионат и оваа сезона е главен фаворит за шампионскиот пехар.