Македонска колонија на Фарски Острови – Љубица Георгиевска Хансен ќе го води СТИФ

Поранешната македонска репрезентативка Љубица Георгиевска Хансен ја продолжува тренерската кариера на Фарски Острови. Таа ќе го води женскиот тим на СТИФ, и ќе работи исто како советник во младинските екипи на ова друштво, кое има и машки тим. На чело на машкиот тим е уште еден македонски тренер со Мастер Коуч лиценца, Борче Марковски.

Георгиевска за македонската репрезентација има одиграно повеќе од 120 натпревари и беше дел од националниот тим на две светски и едно европско првенство во периодот од 1997 до 2000 година.

Играше на позицијата лево крило, израсна во школата на Ѓорче Петров, беше дел од тимот на Кометал Ѓорче Петров кога се пробиваше на европската сцена. Една сезона играше во ТАТ Пелистер, а оттаму во 1997 година замина во Данска.

Интернационалната кариера ја почна во Хорсенс, две сезони играше во Есбјерг, а ракометната кариера ја заврши во тимот на Роскилде во сезоната 2003/2004. Во овој тим ги направи и првите чекори во тренерската кариера откако работеше во младинските категории на клубот.