Македонија тргнува за Швајцарија со проблеми – нов позитивен во репрезентацијата!

Квалификациите за ракометното ЕП 2022 година ги почнавме одлично, со триумф дома против Финска, 33-24, но селекторот Данило Брестовац повторно мака мачи да „скрпи“ стручен штаб, да не мора се сам да подготвува околу тактиката, водењето, тренирањето. Сега и пред патувањето за Швајцарија на меч од второто коло, повторно има немир во репрезентацијата. На редовното и задолжително тестирање има позитивен случај.

Репрезентацијата рано утринава со чартер лет заминува за Швајцарија каде во сабота ќе играме со домаќините за бодови со кои би биле чекор поблиску до нов пласман на ЕП. Но, за разлика од Финска, средбата со Швајцарија ќе биде посериозне испит.
Иако беше најавено дека по вчерашните тестирања на Ковид-19, сите членови на националниот тим – ракометарите и стручниот штаб се негативни, сепак има еден позитивен случај.

Станува збор за еден од член на стручниот штаб, кој ќе остане во изолација во Македонија, а останатите би требало да се упатат со чартер летот за Цирих. Позитивниот член нема симптоми, и веднаш по добивањето на резултатот заминал од хотелот каде бил сместен заедно со ракометарите. Целиот стручен штаб кој беше на првиот меч имаше тестирање ден пред мечот со Финска и резултатите беа негативни.

Целата репрезентација, играчите, стручен штаб и логистиката која работи околу репрезентацијата се тестираше пред почетокот на собирот и оние случаево што се покажаа како позитивни беа изолирани.

Поради такви тестови од настап отпаднаа неколку играчи: Марио Танкоски, Мартин Велковски и Мартин Поповски, исто како и членовите на стручниот штаб: Александар Царчев, Никола Матлиевски и Радослав Стојановиќ. Тогаш дополнително беа повикани Гоце Георгиевски и Велко Марковски, и Ице Соколески како тренер на голманите.