Македонија попушти во вториот дел, Словенија си замина со триумф

Женската репрезентација на Македонија загуби од Словенија со 20-27 во натпревар од 4 коло во ЕХФ Евро Купот. Избраничките на Љубомир Савевски беа рамноправни во првото полувреме, но еден лош период на стартот на вториот дел го реши победникот и Словенија си замина со полн плен од Скопје.

Гичевска го отвори резултатот, но Словенките со серија од три гола стигнаа до 1-3. Во овие моменти Љепоја и Крамар искористија неколку наши грешки, па гостите стигнаа до 3-6.

Избрничките на Драган Аџиќ десетина минути ја одржуваа разликата, но Мицевска одбрани еден шут на Грос, одличните Јанеска и Гичевска реализираа и Македонија на пет минути до крајот на полувремето беше 11-11.

Македонија имаше напад за водство, но не беше искористен, потоа следуваше уште една грешка и Словенките се вратија на плус два предност, 11-13, а немаше време за наш напад.

Клучниот период на мечот се случи на стартот на вториот дел. Тогаш Словенија преку разиграната Грос успеа да стигне до плус шест, 13-19, па Савевски мораше да бара тајм-аут и да менува на теренот.

Сепак тоа не беше пречка за избраничките на Драган Аџиќ да ја одржуваат, дури и зголемуваат предноста, па се одлепија и на плус осум, 14-22. Јанкуловска постигна убав погодок од далечина, но заработи незгодна повреда на коленото.

До крајот составите на теренот се измешаа, немаше резултатска неизвесност и дилеми околу победникот, па Македонија ќе мора да чека нова шанса за први бодови. Во последните две кола ќе игра со европскиот и светски првак Норвешка.

Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Сара Ристовска со седум и Леонида Гичевска со четири гола, додека голманката Јована Мицевска собра шест одбрани. Кај Словенија, Ана Грос даде седум погодоци.