Македонија може во втор, а може и во четвртиот шешир во ждрепката за ЕП

Машката сениорска репрезентација на Македонија откако во квалификациите за пласман на Европското првенство 2024 забележа две убедливи победи против Турција и Луксембург, сосема е извесно дека ќе игра на континенталниот собир во Германија.

Избраниците на Кире Лазаров против репрезентацијата на Португалија, која исто така стартуваше со две победи во квалификациите, ќе се борат за една од првите две позиции на табелата.

Европската ракометна федерација (ЕХФ) денес ги одреди шеширите за ждрепката за континенталниот собир. Македонија доколку биде прва во квалификациската група, тогаш ќе биде во втор шешир, но доколку заврши на 2. позиција, тогаш може да биде дел од трет и четврт шешир.

Во првиот шешир се наоѓаат репрезентациите на Шведска, Шпанија и Данска, репрезентации кои беа медалисти на претходното Европско првенство во Унгарија и Словачка. Во овој шешир ќе бидат уште три најдобро рангирани репрезентации според пласманот од Европското првенство 2022.

Германија како домаќин се наоѓа во вториот шешир, а друштво во овој шешир ќе и прават пет победници на групи од квалификациските натпревари. Македонија доколку на двапати ја победи Португалија и во реванш натпреварите против Турција и Луксембург забележи победа, ќе се најде во вториот шешир.

Третиот шешир ќе го сочинуваат шест второпласирани репрезентации од квалификациските групи, рангирани според остварениот пласман од Европското првенство 2022.

Македонската репрезентација со 2 место во квалификациите може да бидел дел од овој шешир, но може да биде и дел од четвртиот шешир каде ќе бидат две второпласирани репрезентации и четири третопласирани репрезентации од квалификациите за континенталниот собир во Германија.

Ждрепката ќе се одржи на 10 мај, со почеток од 18:00 часот.