Македонија игра одлично, води со три разлика на полувреме во Чешка!

Машката репрезентација на Македонија води на полувреме против Чешка со три разлика, 10-13 во првиот бараж меч за пласман на СП. Лазаров тргна со дебитантот Атанасијевиќ на крило, како и Јагуриновски на десен бек. Митревски собра две одбрани, Талески и Кузмановски стрелаа во голот на Мрква и Македонија веќе беше на 1-5 по десет минути игра.

Сабате мораше да бара тајм-аут, а по него Клима погоди за 2-5. Мрква им запре удари на Јагуриновски, Атанасијевиќ и му одбран пенал на Лазаров, па домашните казнија во следниот напад за 3-5.

Беше и 4-6, па Митревски имаше двојна одбрана и Македонија се одлепи на 4-8 и 5-9. Во продолжение повторно Мрква ги запре на два пати нашите ракометари и Чешка се доближи на 7-9.

Имаа домашните и напад за минус еден, но не го искористија, па во продолжение Македонија повторно се врати на плус 8-11. Кузмановски беше исклучен, па Кашпарек искористи една дупка во нашата одбрана и намали на 9-11. На паузата се замина со плус три за Македонија, 10-13.

Талески е најдобар стрелец со четири гола, а по два имаат Кузмановски, Лазаров и Стоилов, додека Митревски има шест одбрани.