Македонија даде отпор, но Норвешка си замина со цел плен од Скопје

Женската репрезентација на Македонија загуби од актуелниот европски и светски шампион Норвешка со 18-24. Иако нашата селекција одлично парираше 45 минути до 16-17, сепак со една серија од седум гола, гостинките го скршија отпорот и заминаа со триумф од Скопје.

Гостинките отворија со водство од 0-2, беше 1-3, а потоа предноста порасна и четири гола, 4-8. Иако Мицевска бранеше солидно во овој период, сепак нападот немаше премногу решенија. По 5-9, македонскиот селектор Савевски побара тајм-аут. Во продолжение нашите крила Ристовска и Саздовска погодија два пати по ред за 8-10, па реагираше со минута одмор и норвешкиот предводник Хергеирсон.

Беше 8-11, пред убавиот погодок со цепелин на Саздовска, а македонското крило уште еднаш стрелаше за 10-12. Имавме шанса за минус еден, но Ристовска не реализираше пенал, а потоа и уште една прилика.

Норвежанките казнија уште една наша грешка и од контра погодија за 11-14. Стојковска имаше одлично додавање до Дабевска која стрелаше за 12-14. Добивме уште шанса за минус еден, но беше искористена шансата на Штериова и на пауза се замина со 12-14.

Македонија одлично го стартуваше второто полувреме и не дозволи европскиот и светскиот првак да постигне гол цели девет минути. Нашите ракометарки не беа најпрецизни во нападот, но успеаја да стигна до реми, 14-14.

Две грешки на Македонија беа набрзина искористени, па Фауксе и Ларсен казнија за 14-16. При 16-17, Џатевска заработи исклучување, во нападот не реализиравме и Норвешка се одлепи на плус три, 16-19.

Како да застанаа нашите ракометарки во продолжение и гостинките го скршија отпорот. Една „црна дупка“ во нападот, и Норвешка за неколку минути се одлепи на 16-22, па стана јасно дека немаме шанса за позитивен резултат.

Најдобри стрелци во македонската репрезентација беа Саздовска со шест, како и Ристовска и Јанеска со по три гола, додека голманката Мицевска собра 14 одбрани. Кај Норвешка, Фауксе даде шест, додека Арнцен стрелаше пет пати.

Норвешка останува на првото место на табелата во ЕХФ Евро Купот со десет бода, а Македонија е последна без бодови. Вториот меѓусебен дуел овие две селекции ќе го одиграат в недела од 16:00 часот.