Магдебург реши сè уште во Шведска, реваншот ќе биде формалност

Екипата на Магдебург дојде до победа од 34:28 на гостувањето во Шведска кај Кристијанштад на првиот натпревар од четврт-финалето од Лигата на Европа.

Тимот од Германија беше во предност во поголемиот дел од средбата така што во ниту еден момент немаше проблеми околу тоа кој ќе се избори за победа на овој дуел. Сè беше во знакот на гостите така што на крајот резултатот не беше изненадување.

Практично и двете полувремиња Магдебург ги доби со по три гола разлика. На паузата беше 16:13, а потоа предноста беше зголемена така што на крајот беше обезбедена победа која гарантира мирен реванш и пласман на Ф4 турнирот.

Со 34:28 тимот на Магдебург си обезбеди убава разлика која дава сигурност за следниот вторник.

Во тимот на Кристијанштад најефикасен Адам Нифјал со пет гола, а по четири имаа Оцвирк и Нилсон. Еспен Христенсен ја заврши средбата со 11 интервенции, но тие не беа доволни за повеќе на овој натпревар. Неговиот колега од Магдебург, Јаник Грен имаше 13 интервенции, додека нерешлива загатка за домашните беше Омар Инги Магнусон кој постигна 12 гола од кои пет беа од линијата од седум метри каде биеше без грешка.

Како што е познато, Магдебург беше екипата која го елиминираше Еурофарм Пелистер во осминафиналето.