ЛУД ФИНИШ: Кил се спаси од пораз и му ја ,,украде” титулата на Фленсбург

Ракометарите на Кил ја одбранија титулата во Бундес лигата, откако денес во последното коло ремизираа против Рајн Некар, 25:25.

Кил на конечната табела во Бундес лигата заврши со 68 бодови, исто толку бода освои и Фленсбург, но избраниците на Филип Јиха поради подобриот скор од меѓусебните дуели станаа шампиони на Германија за оваа сезона.

Во неизвесен натпревар до самиот крај решаваа само нијанси, а ракометарите на Кил иако во последните десет минути беа под психолошки притисок и негатива од еден гол разлика, сепак во драматичен финиш, Миха Зарабец постигна гол за израмнување на резултатот, 25:25. Во последните две минути, Рајн Некар не успеа да постигне гол. Шмид упати удар во завршните секунди, но топката заврши покрај голот.

Тоа значеше голема радост за екипата на Кил и прослава на својата 22. шампионска титула во Бундес лигата. Најефикасен ракометар во редовите на Кил беше Сандер Сагосен со пет гола, а во екипата на Рајн Некар, Едни Шмид беше прв стрелец со седум гола.

Екипата на Фленсбург триумфираше против Балинген со 38:26, но остана без шампионската титула. Сепак, и следната сезона составот на Фленсбург ќе настапува во Лигата на шампионите. Во Лига на Европа место обезбедија екипите на Магдебург, Фуксе Берлин и Рајн Некар.