Луда завршница среде Злин, Македонија со реми се враќа од Чешка!

Машката репрезентација на Македонија одигра реми со Чешка, 24-24 во првиот бараж меч за пласман на СП. Иако во вториот дел имавме предност и од седум гола, 10-17, сепак ни тоа не беше доволно за победа на овој натпревар, бидејќи Чесите во финишот се изборија за реми.

Лазаров тргна со дебитантот Атанасијевиќ на крило, како и Јагуриновски на десен бек. Митревски собра две одбрани, Талески и Кузмановски стрелаа во голот на Мрква и Македонија веќе беше на 1-5 по десет минути игра.

Сабате мораше да бара тајм-аут, а по него Клима погоди за 2-5. Мрква им запре удари на Јагуриновски, Атанасијевиќ и му одбран пенал на Лазаров, па домашните казнија во следниот напад за 3-5.

Беше и 4-6, па Митревски имаше двојна одбрана и Македонија се одлепи на 4-8 и 5-9. Во продолжение повторно Мрква ги запре на два пати нашите ракометари и Чешка се доближи на 7-9. Имаа домашните и напад за минус еден, но не го искористија, па во продолжение Македонија повторно се врати на плус 8-11. Кузмановски беше исклучен, па Кашпарек искористи една дупка во нашата одбрана и намали на 9-11. На паузата се замина со плус три за Македонија, 10-13.

Чесите уште не беа освестени по негативата од првиот дел, а Македонија отиде на плус седум, 10-17 за само три минути во второто полувреме, па Сабате мора да бара тајм-аут. Малку се консолидираа домашните, па намалија на 12-17, а при 13-18 Лазаров промаши уште еден пенал. Беше 13-19, но Мрква влезе во нова серија одбрани, запре уште два пенали и Чешка во 45 минута се врати на минус четири, 15-19.

Чешкиот голман му фати зицер на Маркоски, но и Митревски го стори истото на спротивната страна, па малку ги оладивме Чесите, кои беа во налет. Погодивме два пати за 16-22, но домашните не се откажуваа. Искористија две наши исклучувања и се доближија на минус три, 20-23 на пет минути до крајот. Мрква пак одбрани два шута, па Кашпарек намали на 22-24. По уште една наша грешка, Бабак ја донесе Чешка и на минус еден, 23-24, па Лазаров мораше да бара тајм-аут.

Мрква повторно одбрани, но и неговите соиграчи се сплеткаа во нападот, па на две минути до крајот имавме нов напад. Одново Лазаров не реализира и Чешка тргна во напад за реми, кој Кашпарек го реализира и мечот заврши 24-24.

Најдобри стрелци во македонската селекција беа Талески со пет гола, а Лазаров и Георгиевски дадоа по четири, додека Митревски собра 11 одбрани. Кај Чешка, Мрква имаше 18 интервенции, додека Клима и Хрстка стрелаа по пет пати. Реваншот меѓу Македонија и Чешка се игра на 17 април во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 19:00 часот.