Лијевски: Групата е многу интересна, досега не сме играле со Еурофарм Пелистер

Финалистот на последниот Ф4 во Лигата на шампионите, Келце, ќе биде еден од ривалите на Еурофарм Пелистер во групната фаза од Лигата на шампионите.

Асистентот на Талант Душебаев на клупата на Келце, Криштоф Лијевски, го прокоментира исходот од ждрепката.

„Групата е многу интересна. Има тимови со кои не сме сретнале досега, Колстад и Еурофарм Пелистер. Често играме со ПИК Сегед и Алборг, а со Загреб не сме играле долго време. Тоа е многу силен балкански тим, па дуелите ќе бидат возбудливи. За ПСЖ да не зборувам, тоа е тим со многу добри играчи. Кил е шампионот на Германија и еден од најдобрите во светот. Не очекуваат и нас и фановите, мечеви со многу емоции и се надевам дека публиката ќе биде нашиот осми играч. Со нивна помош, верувам дека ќе се бориме за првите две места во групата. Нашата цел е да завршиме први или втори и да одиме директно во четвртфиналето. Но нема да мислиме на табелата и ќе се фокусираме на секој ривал посебно“, изјави Лијевски.

Сепак Келце и Еурофарм Пелистер имаат играно досега, во далечната 1996 година, кога полскиот тим се викаше Искра Келце, и беше елиминиран од битолчани во ЕХФ Купот.

Еурофарм Пелистер на првиот натпревар ќе игра на домашен терен против Загреб, а првото гостување ќе му биде токму кај полскиот Келце.