Лино Червар за ГРУПА Ф: Групата е тешка, но Лазаров има силен адут

Осум групи за осум признати тренери, сегашни и поранешни селектори. Лино Червар е познато и признато тренерско име во ракометот. Во својата долга тренерска кариера, како селектор ги предводел репрезентациите на Италија, на Хрватска и на Македонија. Најдолг селекторски стаж и најголеми резултати има со репрезентацијата на Хрватска која под негово водство стана олимписки и светски шампиони и уште два пати беше финалист на светските и три пати на европските првенства. Репрезентацијата на Македонија ја предводеше на СП 2017 во Франција, но на селекторската функција остана само кус временски период од неполна година, а потоа одново ја презеде Хрватска. Во Македонија остави белег како долгогодишен тренер на Металург и креатор на најголемиот подем на клубот од Автокоманда. Червар беше тренер и на РК Загреб, Трико Новиград, Истратурист Умаг, Клагенфурт и Конверсано. Во серијалот стручни анализи во пресрет на СП 2023, Лино Червар за 24Ракомет ја анализира групата Ф.

Гледам дека Лазаров прави добра работа, она што го правевме ние некогаш во Металург, се обидува да афирмира млади играчи во репрезентација на Македонија кои долги години ќе го носат македонскиот дрес. Тоа е голема предност на овие турнирски натпреварувања, да имаш млада репрезентација која е гладна за успех и играчи кои сакаат да се докажат. Сега, треба добро да се подготват, да се избере добра тактика која им одговара. Ги гледав малку во квалификациите и можам да кажам дека во овие играчи има материјал, дека се добри, амбициозни, подвижни, желни за победа. Тоа е добро и треба да се игра на таа мотивација. Нема голем резултат без голем ентуазијазам. Мислам дека тие го имаат тој ентузијазам, што е многу важно. Личност што е полна со ентузијазам може многу брзо да ги „зарази“ и сите други што го немаат и публиката исто така. Мислам дека на Киро тоа му е силен адут.

🇳🇴 НОРВЕШКА 🇳🇴

Групата не е лесна, мора да бидеме искрени. Тука е Норвешка, тука е Аргентина, тука е Холандија. Норвешка се знае дека е една екипа која е веќе докажана, се враќа нивниот најдобар играч, Сагосен, а се знае дека со него и без него, не е иста екипата. Норвешка е фаворит во оваа група, играат брз ракомет, класична скандинавска школа.

🇳🇱 ХОЛАНДИЈА 🇳🇱

Тука е и Холандија која исто така игра брз ракомет. Тоа значи, два многу  незгодни противници во групата. Но, бидејќи се работни за млада репрезентација на Македонија, тие можат да трчаат и тоа што противниците даваат голови од контри, не би требало да биде проблем некако да се спречи.

🇦🇷 АРГЕНТИНА 🇦🇷

Аргентина ги има горе-долу истите играчи, тие се добри, но сепак, тоа не е репрезентација што не може да се победи. Според тоа, тука некаде треба да се бара шансата. Мислам дека Македонија би требало да ја победи Аргентина, а да се бори со Норвешка и со Холандија. Мислам дека тука Македонија може да помине во втора фаза и дека тоа е и примарна цел. Повеќе од тоа, тешко е да се бара од млади играчи.

🇲🇰 МАКЕДОНИЈА 🇲🇰

На Киро ова му е второ големо натпреварување како селектор, прво на кое ги нема веќе оние старите играчи. Но, сепак покрај Талески, Кузмановски, Митревски на голот, со оваа комбинација на поискусни играчи кои имаат искуство во Бундес лига и во ЛШ, и младите сили, Македонија сепак е репрезентација која не смее да се потцени. Добра ситуација е тоа што овие играчи можат, имаат желба и ентузијазам да се докажат, а од друга страна, оваа репрезентација сега ќе нема толку силен притисок од јавноста. Мислам дека тие ќе можат да дадат се од себе. И тоа е одлична мотивација за младите играчи да се докажат на едно Светско првенство кога сите очи се свртени кон нив и да си отворат можност кариерата да им оди по друг, подобар пат. Младите македонски играчи треба да ја искористат оваа шанса.

Што се однесува до играта, кога има многу млади играчи треба да има добра одбрана, мислам дека и Киро така размислува. Транзицијата напред треба да биде исто така многу добра. Во тој турнирски систем, исто така голема предност е што се тоа млади играчи кои можат да трчаат. Тоа денес е една карактеристика во ракометот, посебно кај екипи како Норвешка, Холандија, па ако сакате, и Словенија и Франција. Младите играчи може да одговорат на тоа темпо. Битно е во нападот да играат паметно, да не трошат многу топки, бидејќи таквите грешки брзо се казнуваат. Мојот став е познат – прво треба да се засили одбраната. Без добра одбрана не може да се постигне некој поголем резултат, во тоа не може никој да ме убеди.

На Киро му посакувам се најдобро, знам дека тој живее за ракометот, сака успех, амбициозен е и не се сомневам дека амбициите што ги имаше како играч ги има и сега како тренер. Тоа значи, дека Македонија може да направи и некое изненадување, што во овој момент ние релно мислиме дека е тешко. Мислам дека Македонија сигурно може да ја помине групата и на другите да им биде „коска во грло“, да им биде проблем. Тоа е битно. А, бидејќи го познавам кој е Киро, знам дека тој сигурно ќе бара многу од играчите и дека ќе бидат максимално мотивирани. Убаво е да се види дека го слушаат, дека играчите го следат, тоа е исто многу важно. Киро е победник и тој сигурно ќе се обиде да направи се што може, а и повеќе од тоа. Мислам дека младите играчи од Киро ќе можат многу да научат. Јас искрено им посакувам се најдобро. Во оваа македонска репрезентација  има уште многу мои играчи кои јас ги тренирав и ние сме на иста линија.

Кузмановски би можел да ја преземе новата лидерска улога во репрезентацијата. Тој е онака што велам јас – „битолски фраер“, не се плаши, знае да се бори. И игра во Бундес лига. Штета е што сега во клубот добива помала минутажа, тоа е голема грешка. Тој мора да им каже – или ќе ми дадете да играм или ќе го сменам клубот…Мислам дека тој може, јас имам доверба во него. Зошто го сакам Кузмановски како играч? Затоа што тој многу добро знае колку е тешко да се игра во Бундес лига, колку е тешко да се наметнеш во една таква лига. Тој чекаше првата година и успеа да се наметне, сега пак нешто му ускратуваат со мала минутажа, но тој се бори. Тој многу добро знае што значи борба на терен. И нема да се предаде. Јас верувам во него. И во Талески исто така. Тие беа носители на младата генерација кај мене и јас многу ги почитувам и мислам дека тие можат да ја преземат таа главна улога во тимот.

На Лазаров и на македонската репрезентација им посакувам добро да се подготват и да постигнат добар резултат на ова СП. Неодамна бев да го продолжам мојот македонски пасош и ова го коментирам како Македонец.

Најсилната порака и сила на Македонија треба да биде тимската игра и  онаа изрека – еден е мал број за да постигне успех, но еден тим е голем број. Тоа е моќ на броевите. Нека играат како тим, не како индивидуалци. Сите за Македонија, сите како еден. Сите свои интереси, слава, се да остават на страна. Тоа не игра, игра тимот.