Лекиќ: Да не се распаднеше – и ден денес ќе играв во Вардар!

Една од најдобрите странски ракометарки што играле во Македонија, несомнено е Србинката Андреа Лекиќ.

Таа мина пет сезони во Вардар, со кој пет пати играше на завршниот турнир во Лигата на шампионите, а два пати во финалето.

Но ниту еднаш не стигна до титулата. Таа вели дека ако Вардар не се распаднеше, ќе играше и ден денес во Скопје.

„Многу тешко ми паднаа поразите на Вардар од Ѓер во финалињата 2017 и 2018 година. Многу посакував да ја освојам титулата во ЛШ со екипата од Скопје. Ако не се распаднеше Вардар, веројатно и ден денес би играла таму. Се чувствував себе како дома, Македонија е слична на Србија. Таму ракометот е спорт број 1“, вели Лекиќ во интервју за рускиот „Брз Центар“.

По заминувањето од Вардар, Лекиќ мина две сезони во романскиот ЧСМ Букурешт, кои не беа баш успешни, а следната сезона ќе биде дел од Будуќност.