Лазаров: Чест ми е што играв за Нант, горд сум на се што постигнав во кариерата!

Кире Лазаров го одигра последниот натпревар во кариерата. Во финалето на Купот на Франција, неговиот Нант загуби од ПСЖ со 36-31.

Македонската легенда го анализираше натпреварот со тимот на Раул Гонзалес, иуште еднаш потенцираше дека му било чест што пет сезони беше дел од Нант.

„ПСЖ одигра одличен натпревар и заслужено победи. Тие се многу квалитетни, беа одморени и добро се подготвија за овој натпревар бидејќи имаа доволно време. Ова беше мојот последен натпревар во кариерата, но искрено повеќе жалам за Нант, што како тим не го освоивме трофејот, отколку за мене самиот. Горд сум на се што постигнав во мојата кариера и чест ми е што играв за Нант“, изјави Лазаров за „Беин Спорт“.

За Лазаров нема време за одмор, бидејќи веќе в понеделник ќе ги стартува подготовките со националниот тим за настапот на Медитеранските игри.