Лазаров: Почнавме да работиме европски, се надевам ќе го пренесеме тоа и на другите клубови

Алкалоид ја продолжи серијата победи во Суперлигата, откако славеше на тешкото гостување кај Охрид со 29-28.

Иако избраниците на Кире Лазаров можеа порано да стават крај на дилемите околу победникот, Охрид се врати во игра во финишот и го направи поинтересен.

На крајот, Алкалоид и Лазаров се радуваа на трите бода. Македонскиот селектор вели дека неговите момци имале голем психолошки товар.

„Ова беше многу тежок натпревар што го одигравме со Охрид. Имаме голем респект кон тренерот и играчите на Охрид, кои имаат страшен индивидуален квалитет. Нашата млада екипа успеа да спушти од грбот еден психилошки товар, и да го победи овој натпревар. Знаеме за каков тим се работи, со какви амбиции, мене ми е драго за ваквиот проект. Мојата екипа треба уште да работи и да учи, бидејќи пропуштивме водство од шест гола, меѓутоа ќе работиме на тоа во иднина да бидеме уште подобри“, вели Лазаров.

Алкалоид веќе е во плеј-офот и сега ќе се обиде да собере што повеќе бодови пред стартот на разигрувањето за титулата.

„Ова ни беше важен натпревар. Јас ги почитувам сите наши ривали, и екипите на Неготино, на Прилеп, играат добар ракомет, квалитетен ракомет, но проблем е тренажниот процес затоа што заостануваат. Во Македонија се игра квалитетен и тврд ракомет, нашата држава го познава ракометот. Ова беше чекор напред за нас и ќе пренесеме бодови во плеј-оф. Секој ден е нов ден, секој натпревар е нов натпревар, ние продолжуваме да работиме со исто темпо“, продолжи Лазаров.

Тренерот на новиот македонски проект посакува да бидат мотиватор и за другите клубови да работат по таков терк.

„Ние заостануваме, но почнавме да работиме малку по европски и се надевам дека тоа ќе го пренесеме и на другите клубови. Најголем дел од нашата репрезентација, ракометарите играат во домашното првенство и ќе ни биде исклучително тешко на големите натпреварувања, сега на следното СП. Имаме големи шанси да се пласираме на следното ЕП, и очекувам со квалитетна работа во следните година и половина, да бидеме сериозни конкурентни на големите репрезентации. Треба ние да бидеме тие мотиватори за да почнеме да работиме уште посериозно. Сакам да им честитам на сите во Охрид, на тренерот, на раководството, на навивачите и да им порачам да продолжат со вложување во ракометот – само напред“, заврши Лазаров.

Следен предизвик за Алкалоид и Лазаров ќе биде домашниот натпревар со Куманово.

Алкалоид триумфално низ Охрид