Куманово не запира, се засили со нов интернационалец!

Екипата на Куманово, која ќе се бори за опстанок во Супер лигата, го промовираше третото засилување за вториот дел од натпреварувачката сезона 2022/23.

Ново име во тимот на Куманово е ракометарот од Србија, Зоран Ѓурковиќ. Искусниот Ѓурковиќ настапува на позиција кружен напаѓач и сигурно ќе претставува големо засилување за тимот на Куманово.

37-годишниот ракометар во својата кариера има настапувано за екипите на Морава, Црвена Звезда, Смедерево, Пожаревац и Хајдук Вељко од Неготин.

Раководството на Куманово претходно го ангажираше довчерашниот член на Охрид, Владан Кастратовиќ и српскиот интернационалец Никола Бечејац.

Кумановчани во борбата за опстанок во најквалитетното натпреварување во Македонија ќе играат против екипите на Струга, Прилеп, Голден Арт, Скопје Вардар Неготино, Јуниор КВ и Радовиш.

Како што е веќе познато, тимот на Куманово за натпреварите од плеј-аут фазата ќе има нов тренер, откако Љубиша Димковски поднесе оставка, а од клубот си замина искусниот Виктор Петковски. Најблиску до клупата на Куманово е Игор Котевски.