Кузманоски: Посакувам дуел со Вардар во СЕХА најмногу поради публиката во Битола

Ракометарите на Еурофарм Пелистер одиграа контролен натпревар против екипата на Вардар. Битолскиот тим беше поразен со 28:32, а после натпреварот Горан Кузманоски ги сподели впечатоците од новиот тренер на клубот, Жељко Бабиќ.

„Многу кратко време сме комплетни, добро работевме со новиот тренер. Задоволен сум од неговиот пристап и неговиот систем, исто така и од неговиот карактер. Драго ми е што еден ваков тренер дојде во Еурофарм Пелистер, ќе имаме можност да научиме нешто ново сигурно. Се комплетиравме пред два дена, се вратија сите репрезентативци, се надевам дека во Врбас ќе бидеме посмирени сите заедно. Ќе се обидеме да се воиграме и подготвени да влеземе во одлучувачкиот дуел со Нексе во СЕХА. Имаме малку време, но мислам дека ќе се вклопиме во новиот систем на тренерот.

Кузманоски истакна дека посакува да го елиминираат Нексе за потоа со Вардар да одиграат македонско дерби во СЕХА лигата во празнична ракометна атмосфера во Битола.

„Се надевам дека ќе бидеме подобри од Нексе, затоа што сега сме Еурофарм Пелистер и сакам да одиграме едно големо дерби против Вардар најмногу поради публиката. Исто така посакувам да биде прекрасна атмосферата во Битола, сепак Вардар е двократен европски шампион. Ќе биде многу тешко сигурно, но најпрво треба да одиграме со Нексе. Што се однесува до плеј-офот во домашното првенство сигурно нема да ни биде лесно, нема да потцениме ниту еден противник, но има уште време до тогаш“, заврши Горан Кузманоски.

За екипата на Еурофарм Пелистер претсојат подготвителни натрепвари со екипите на Војводина, Спартак Суботица и Динамо Панчево. Ова ќе бида последните подготовки пред дуелот со Нексе во СЕХА лигата.