Кузмановски доби минутажа, Магдебург загуби од Фленсбург

Дерби пресметката од 21. коло на третата и четвртата екипа на табелата во Бундес лигата заврши со победа на домашниот тим. Фленсбург пред своите гледачи славеше над Магдебург на Филип Кузмановски со 29:23.

Средниот бек на репрезентацијата на Македонија доби можност за настап на овој дуел и натпреварот го заврши со еден погодок од два обиди, а заработи и едно исклучување од две минути.

Фленсбург беше подобар противиник во текот на целиот натпревар, Магдебург имаше само почетно водство од 2:0 и 3:1, но во продолжението се беше во знакот на избраницита на Мајк Макула. На полувреме Фленсбург имаше предност 14:12. На почетокот на вториот дел Магдебург намали на минус еден и тоа беше се што направија гостите. До крајот на дуелот рутински домаќинот ја одработе задачата, а во еден момент имаше и највисоко водство од седум гола.

Во 55. минута при резултат 24:21 Михал Јурецки доби црвен картон што беше шанса за Магдебург да се врати во игра и да избегне пораз, сепак тоа не беше пречка до крај домаќинот да стинге до убедлив триумф.

Најефикасен во тимот на Флеснбург беше Готфритсон со осум погодоци, а во тимот на Магдебург најмногу се истакна Дамгард со седум гола. Со овој триумф шампионот се проби на втората позиција на табелата, додека Магдебург останува на четвртата позиција.