Краљевски и Боризовска едногласни: Веруваме во тоа што го работиме, се надеваме на борба за трофеј

Големите ривали во женскиот ракомет изминатите неколку години, Куманово и Металург ќе се сретнат во првото полуфинале од Купот на Македонија. Кумановки двапати славеа во домашното првенство и се фаворити и на овој меч но ваквите натрпеваритe се секогаш непредвидливи.

Во пресрет на овој дуел тренерот на Куманово, Ненад Краљевски најави дека се подготвени и имаше свои очекувања од дуелот. Тој исто така истакна кои сегменти од играта ќе бидат клучни и одлучувачки во ова полуфинале.

„Ни недостасуваа многу ракометарки во текот на ЕХФ неделата, седум настапуваа за своите репрезентации, а во истиот период три беа заразени со коронавирус. Тоа ни ја промени структурата на тренинзи што подоцна се одрази на нашата игра и слабото издание против Металург во првенството. Успеавме да влеземе во добар континуитет на тренинзи и верувам дека спремни ќе влеземе во полуфиналето на Купот. Клучно за победникот ќе бидат бројот на технички грешки, реализацијата со играч повеќе или помалку и реализација на ударите од шест метри. Двете екипи се познаваат многу добро и сите сакаат да играат во финалето, и јас се надевам на финале и верувам во својот тим“, изјави Ненад Краљевски.

Капитенот Александра Боризовска исто така верува дека Куманово може да стигне до финалето и до одбрана на трофејот.

„Заслужено се наоѓаме во полуфиналето на Купот. Сите заедно, ракометарките и стручниот штаб со нетрпение го чекавме овој момент, бидејќи уште од самиот почеток напорно работиме и имаме јасна цел – шампионска титула во првенството и се разбира пехарот од Купот. Во последниот дуел со Металург, без разлика што го добивме, имавме лоша игра и во напад и во одбрана. Металург има дисциплинирана екипа со силна одбрана. Сите заедно веруваме во тоа што го работиме, останува да го дадеме нашиот максимум, а резултатот ќе дојде сам по себе. Се надевам дека ќе се најдеме во финалето, бидејќи тоа ќе е многу важно, како за нас, за клубот, така и за градот Куманово“, вели Боризовска.

Куманово е на чекор до освојување на титулата во првенството и во завршницата од купот ќе игра за освојување на двојната круна. Првото полуфинале во женска конкуренција се игра со почеток во 15:30 часот во салата Автокоманда, а во второто ќе се сретнат екипите на Вардар и Чаир од 18 часот.