Крај на една богата кариера – Елисеи му кажа збогум на ракометот (ФОТО)

Поранешната репрезентативка на Романија, Валентина Ардеан Елисеи, која од 2018 година го носеше дресот на романскиот суперлигаш Глорија Бистрица, реши на 40 години да стави крај на својата играчка кариера.

Елисеи остави голема трага во романскиот ракомет и беше дел од најголемите успеси на романската репрезентација, која во 2005 година на Светското првенство, кое се одржуваше во Русија, го освои сребрениот медал.

На Мундијалот во Русија беше прогласена за најдобро лево крило, а истата награда ја доби и на Европското првенство во Македонија (2008) и на Светското првенство во Данска (2015).

Глорија Бистрица на Елисеи и организираше проштален натпревар, на кој присуствуваа поранешни и сегашни репрезентативки на Романија, како и екс соиграчки на Елисеи. Меѓу присутните беа и двете поранешни членки на Кометал ЃП, Луминита Дини и Нарциса Лекушану.

Својата кариера, Елисеи ја започна во Дева, потоа го направи првиот интернационален предизвик, замина за Србија и две сезони го носеше дресот на Књаз Милош, а настапуваше и за екипите на Олчим Валчеа, Баја Маре и Крајова.