КОЈ ДА ИСПАДНЕ: Треба сите екипи да останат во Суперлига, догодина да се приклучат и најдобрите од Прва лига

Екипата на Работнички прекинот на Суперлигата поради коронавирусот го дочека на последното место со освоени четири бодови.

Ракомет во Македонија нема да има најмалку до средината на мај, а останати за доигрување сите натпревари од плеј-офот и плеј-аутот.

Тренерот на Работнички, Слободан Чивлачки, сака да има продолжување на суперлигашките средби кога ќе има услови.

„Јас сум за продолжување кога ќе има услови. Евентуално ако има услови на лето било кој месец, сите екипи што се пласирани во плеј-оф, може да ги одиграат натпреварите во две седмици, секој со секого на неутрален терен (во некој град каде што нема суперлигашки ракомет). Потоа најдобрите четири во некој следен викенд би одиграле завршен турнир по кој би бил познати шампионот. Истото може да важи и за плеј-аут и за младинските лиги. Што се однесува до Купот, оваа година не би требало да се одржи, а екипите што во лигата ќе бидат од прво до четврто место ќе играат во европските купови“, вели Чивлачки за 24Ракомет.

Тој има интересен предлог до Ракометната федерација во поглед на судиите за младинските лиги и во поглед на организација на натпреварите од Суперлигите на лето.

„За натпреварите во младинските лиги околу судии и делегати може лесно да се среди со оглед на тоа што во секој град има поранешни ракометари кои многу лесно ќе ја завршат работата, а трошоците ќе бидат минимални. РФМ би можела да организира некаква онлајн обука за нив. Доколку се игра на едно место, клубовите може да плаќаат помала сума за превоз, а во соработка со општините може да биде обезбедено сместување во хотелите. Не мора да се делат ниту медали, ниту пехари. Ако нема можност, може да се игра и без публика. Термините во салите да бидат наплатени минимално, а општините каде што ќе се игра да ги подмират трошоците за тоа. Ист би требало да биде моделот на играње и во плеј-оф и во плеј-аут. Три седмици се доволно време секој да одигра со секого. Ако се игра во август, може една седмица пауза и веднаш да почне новата сезона. Мое лично мислење е да нема испаѓање од Суперлига, а да влезат најдобрите четири екипи од Прва лига. Ако се зголеми бројката на учесници во Суперлигата, нема потреба од играње потоа на плеј-аут и ќе се намалат натпреварите. Сепак ова е мое лично мислење, а не е став на мојот клуб Работнички, бидејќи не сме разговарале на оваа тема“, заврши Чивлачки.

Ракометната федерација на Македонија се уште не сака да излегува со избрзани одлуки и веројатно ќе се чека стабилизација на ситуацијата, пред да се преземат било какви чекори.