Костески: Ним е силен тим, но нема предавање, ќе ја покажеме нашата вредност

Десното крило на Еурофарм Пелистер, Ненад Костески размислува позитивно пред утрешниот дуел од 1. коло во Групата Д од Лигата на Европа каде што ќе претстои сигурно интересен ракомет.

Еурофарм Пелистер е домаќин и сигурно ќе има што да покаже на теренот на овој дуел така што ќе треба на теренот да се покаже најдоброто, а бодови од овој натпревар ќе значат голем чекор напред.

„Секоја екипа од Франција и Германија е голем предизвик за нас. Знаеме каква екипа е Ним. Работиме напорно оваа недела за да бидеме подготвени за нашиот ривал. Знаеме со каков противник се соочуваме и очекувам добар и цврст натпревар. Се враќа и публиката во сала и очекувам да добиеме голема поддршка. Битолската публика живее за ракометот и се надевам дека ќе биде нашиот осми играч. Ним е фаворит во групата и ќе имаме навистина тежок натпревар“, вели Костески.

Анализите на играта на противникот покажаа кои се добри, а кои се лошите страни на тимот од Франција.

„Ним има добар проток на топка. Ракометарите на овој тим играат брз ракомет. Лигата на Франција е силна и знаеме каков е концептот. Меѓутоа нема предавање. Одиме цврсто и ќе покажеме дека сме добра екипа и имаме голема вредност, коментираше крилото на Еурофарм Пелистер.

Средбата се игра утре во салата „Боро Чурлевски“, а почнува од 20:45 часот.