Костески за 24Ракомет: Големо е задоволството и честа да се игра за својата држава

Еден од помладите ракометари кои доаѓаат и од кои ќе се очекува да одговорат на предизвиците на кои ќе бидат изложени за време на првенството, Ненад Костески е подготвен за она што претстои. Тоа го потврди и во изјавата за 24 Ракомет бидејќи од зборовите може да се заклучи неговата подготвеност за она што претстои.

„Ова се финалните подготовки за ЕП. Покрај тренинзите ќе имаме и четири контролни на кои ќе тестираме до кај сме и ќе имаме можност да ја сумираме крајната слика како треба тоа да изгледа на шампионатот. Се надевам сè ќе помине во најдобар ред и сите ќе бидеме здрави и максимално подготвени ќе го дочекаме моментот за да тргнеме на првенството. За нас тоа ќе биде големо искуство. Задоволството да играш за својата држава е големо, исто така и голема чест и со нетрпение ги чекаме настапите“, рече Костески за 24 Ракомет.

Од почетокот на оваа сезона со својот тим, Еурофарм Пелистер имаше можност да одигра неколку силни натпревари што ќе значат многу особено на првенството.

„Задоволен сум од тоа како се движи мојата форма. Имавме доста квалитетни натпревари и во Лигата на Европа и во Супер машката лига. Без потценување на другите екипи имавме квалитетни средби со Вардар почнувајќи уште од летото кога игравме во Супер купот и на Струшкиот турнир. Мислам дека тоа е голем плус за сите нас да напредуваме и да дојдеме до она што го посакуваме“.

За ривалите засега нема коментари и очекува со текот на времето да се има повеќе информации и тогаш да може да се каже многу повеќе за она што претстои во Дебрецен.

„Предвреме не можеме да прогнозираме ништо. Ниту еден противник не можеме и не смееме да потцениме во групата. Сите репрезентации се на висок ранг. Не смееме да си дозволиме некого да потцениме некого. Сите играат ракомет денеска и дојдено е до тоа ниво во ниту еден момент да не смееш да си дозволиш да се опуштиш. Се надевам на позитивен епилог и да ја поминеме групата, што ќе биде наша цел. Се надевам и на позитивен резултат на трите натпревари“, изјави Костески.

Се очекува заедно со Гоце Георгиевски да имаат силна конкуренција за место во тимот, но исто така и да се надополнуваат бидејќи станува збор за одлични ракометари на позицијата десно крило. Веќе има искуство од настапи бидејќи играше и лани на Мундијалот во Египет така што добро знае како е на ваков тип натпреварување.