„Кога го гледам Дибиров како игра на 37 години, си мислам – сакам и јас како него!“

Хрватскиот интернационалец Иван Чупиќ е една од најважните алки во играта на европскиот првак Вардар.

Десното крило ќе задоцни на подготовките и ќе се приклучи во вторник. Потпиша договор на една сезона со Вардар, но во интервју за реномираниот руски портал „Брз Центар“, вели дека не ни помислува на пензија.

Вели ако може Дибиров на 37 да игра одлично, може и тој.

„Тимур Дибиров е речиси 37 и игра одлично. Го гледам и си мислам и јас сакам како него. А пред пет години си мислев дека ќе ја завршам кариерата на 34-35 години, особено кога колената ми правеа проблем. Сепак, во последно време се чувствувам добро, немам повреди веќе некое време. Сега кога се одморив од ракомет неколку месеци, паузата ми годеше. Сакам да играм уште две три години активно, се надевам ќе излезат и повеќе. Ќе кажам кога е доста. Не исклучувам враќање и во репрезентацијата. Кога се откажав во 2018 година од националниот тим се чувствував  уморен, во Скопје бев сам, без семејството и тешко ми беше. Сфатив дека не можам веќе на два фронта и се откажав“, вели Чупиќ.

Хрватот откри дека слободното време додека трае борбата со коронавирусот го исполнувал со ловење риба и гледање комедии на „Нетфликс“.

„Десет месеци годишно играм ракомет, а кога сум на одмор сакам да се оттргнам од него. Многу ми помага риболовот, ме опушта. Имам брод, одам со него на море. Таму нема никого. Прекрасно е. Иако, не можам да се пофалам кога ќе уловам голема риба. Рекордот ми е три и пол килограми. Исто така, друг мој пријател е „Нетфликс“, посебно сега за време на коронавирусот. Сакам да гледам филмови и серии, особено комедии“, додава Хрватот.