Кластер „Македонија-Данска“ – уште еден ракометар е позитивен на коронавирус

По Ханс Линдберг, Ласе Мелер и Јакоб Холм, како и Филип Миркуловски, уште ракометар што беше дел од двомечот меѓу Македонија и Данска денеска доби позитивен тест на коронавирус.

Станува збор за Хенрик Мелгард, левиот бек на данскиот Алборг, кој објави на социјалните мрежи за позитивниот тест на нивниот ракометар. Претходно данската федерација ги потврди случаите на Линдберг, Мелер и Холм, а Вецлар објави и за позитивниот резултат на Филип Миркуловски.

Дел од данските ракометари се веќе во изолација. Браќата Ландин нема да играат за Кил во следните два меча, иако имаа негативни тестови. Соиграчите на Мелер од Фленсбург, Халд и Менса Ларсен исто така се во изолација и не смеат да излегуваат од дома. Во изолација се играчите на Хановер, Филип Кузмановски и Јеспер Хансен, кои настапија на двомечот.

Од македонските репрезентативци поголем дел веќе го прележаа коронавирусот, но прашање на време е кога ќе се појави уште некој позитивен случај од играчите што настапија на двомечот меѓу Македонија и Данска.