Кипријановска се сели во Франција – потпиша за Самбре Авенуа!

Репрезентативката на Македонија и ракометарка на актуелниот шампион, Куманово, Јована Кипријановска, од следната сезона ќе настапува во францускиот второлигаш, Самбре Авенуа. Моментално, во новиот клуб на Кипријановска настапува уште една репрезентативка на Македонија, средниот бек, Леонида Гичевска.

За Кипријановска ова ќе биде прво интернационално искуство, во кое ќе се обиде својот голем потенцијал да го докаже надвор од границите на својата татковина. Десниот бек од Куманово во својата кариера го носеше дресот само на истоимената екипа од својот град, а со одличните настапи од сезона во сезона сосема очекувано беше дека ќе заигра во квалитетен клуб од странство.

„Самбре е амбициозен клуб. Верувам дека ќе напредувам и дека ќе можам да се прикажам во најдобро светло. Верувам дека Самбре е средина каде ќе можам ракометно да се развивам, да научам нешто ново од француската ракометна школа. Се надевам дека ќе ја оправдам довербата. Голема благодарност до мојот матичен клуб, Куманово, каде што созреав како личност и ракометарка“, изјави Кипријановска за 24 Ракомет.

Екипата на Самбре има големи шанси да обезбеди влез во Првата лига за следната сезона и доколку успее во својата цел, тогаш Кипријановска ќе има вистински предизвик во првото интернационално искуство бидејќи ќе игра против најдобрите француски клубови.