Кил ќе го тестира протоколот за натпревари со 999 навивачи

Шампионот на Германија, екипата на Кил во првата половина на септември планира да одигра пријателски натпревар против ривалот од Бундес лигата, Нордхорн на кој ќе го тестира протоколот за натпревари со публика.

На овој меч се очекува да присуствуваат 999 гледачи кои ќе бидат поделени во седум сектори во арената во Кил која има капацитет од 10.825 места.

Секој сектор ќе има свој посебен влез, а навивачите нема да можат да поминат од еден во друг сектор со цел да се намали ризокот од ширење на инфекцијата. Публиката ќе биде распоредена на растојание од два реда и преку две седишта во ист ред. Секој навивач ќе мора да носи маска, а билетите ќе можат да се купат преку интернет и секој ќе биде со име и презиме.

На Кил му е потребна дозвола од Министерството за здравство на Германија кое го разгледува барањето и треба да даде дозвола за ваков натпревар. Сезоната во Германија би требало да започне од 1. октомври, но засега нема официјален протокол за гледачи на натпреварите.