Кил не се откажува од Сагосен, ќе се бори со сите сили да го задржи

Објавувањето на информацијата дека тимот на Колстад го посакува во своите редови најдобриот Норвежанец и еден од најдобрите ракометари во светот во моментов, Сандер Сагосен беше причина за реакција во тимот на Кил.

Шампионот на Германија не сака да се раздели со Сагосен во 2023 година кога му завршува договорот и планира да ја продолжи соработката. Сепак, 26-годишниот Норвежанец засега нема одговор и уште се нема изјаснето околу неговата иднина во тимот на Кил така што не е познато дали ќе остане во тимот кој е актуелен првак на Германија.

„Не сакаме да препуштиме ништо на случајот. Од ден на ден станува сè потешко. Стравуваме дека Сагосен ќе си замине. Му дадовме понуда, но тој уште се нема изјаснето дали ја прифаќа или не. Како што поминува времето така се намалуваат шансите сето ова да заврши позитивно за нас. Тој е уште млад, играч кој има одлична иднина и сега мора самиот да одлучи каде ќе биде подобро за него. Ние сакаме да остане тука уште долго и тој го знае тоа“, вели извршниот директор на Кил, Виктор Шилаги.

Сагосен дојде во Кил на крајот од сезоната 2019/20 и после само неколку месеци ја освои Лигата на шампионите. Договорот го потпиша до летото во 2023 година, а сега може да се врати во тимот каде што во 2012 година ја почна кариерата. Колстад планира да направи силен тим и тој е во неговите планови.