Келце им се врати на победите со стил, против данскиот гигант Алборг

Келце пред своите навивачи го совлада данскиот вицепрвак Алборг со 33-28(15-15) во динамичен и изедначен натпревар и ги израдува домашните навивачи. Дерби дуелот од групата Б покажа дека финансиската криза во редовите на полскиот шампион нема да влијае на спортскиот дух на тимот. Двете екипи одиграа атрактивен отворен натпревар, а расположениот голман Вулф и несвојствените грешки во транзиција на данските ракометари одлучуваа околу победникот. Натпреварот го водеше најдобрата судиска двојка Македонците Славе Николов и Ѓорги Начевски.

Домашната екипа, Келце, имаше почетна иницијатива и прва дојде до два погодока предност на овој дуел. Разликата ја одржуваа до средината на првиот дел. Во брзата транзиција и брканица по теренот, двете екипи подеднакво беа успешни, но подеднакво и грешеа. Секој промашен удар или неискористен напад ја менуваше рамнотежата на теренот. Па така во средина на полувремето Алборг ја презема резултатската иницијатива, но не успеа да се одвои на повеќе од гол разлика. Келце не дозволи гостинот од Данска да ја задржи предноста по првите триесет минути. Санчез на неполна минута до крај го постави резултатот 15-15, кој остана запишан на семафорот по првиот дел.

Французинот Наи го отвори резултатот во второто полувреме и ја врати предноста за домашниот тим, а по грешката на нападот на Алборг, истиот ракометар од контра- напад ја врати највисоката разлика на дуелот (17-15). Како и во првиот дел, Алборг бргу возврати и го израмни резултатот, но следуваше победнички одговор од Келце. Со низа од три голови ја создадоа потребната предност за нервоза во редовите на данските вицепрваци. Нападите на Алборг најчесто завршуваа во рацете на голманот Вулф, а избрзаните удари му одеа во полза на полскиот првак.

Така до 43 минута Келце имаше „плус шест“ 25-19, разлика која им ја подигна самодовербата, го смири нападот, а ја предизвика данската екипа на брзоплетост и нервоза. Во такви услови Келце го прведе натпреварот кон посакуваниот крај. Мирниот напад на Келце најчесто завршуваше со гол, на спротивната страна парираа и Данците, а тие искористија и неколку лесни голови од контра-напад, но разликата не падна под четири голови. На крајот со рутинска игра Келце ги одржа петте погодоци капитал и ја обезбеди десетата победа оваа сезона во Лигата на шампионите со резултат 33-28.

За домашниот тим Келце Морито постигна 6 голови, го следеа Карачиќ, Каралек и Наи со по 5 погодоци, во составот на Алборг Бартхолд ја предводеше листата стрелци со 6 голови, додека Сандел постигна 5.

Со оваа победа Келце речиси ја осигура втората позиција во група Б со 20 бодови,а останува само и практично да го обезбеди четвртфиналето во Лигата на шампионите во следното коло. Алборг моментално е на 5. позиција која може да се промени по завршување на ова коло.

Барселона поведе еднаш на мечот во Целје – и победи!

Елверум парираше едно полувреме, Нант ги освои бодовите