Кастриоти на Станковски запиша убедлива победа против Велазними

Екипата на Кастриоти, која е предводена од македонскиот тренер, Аце Станковски, и во која настапуваат двајцата ракометари од Македонија, Адис Салиу и Мартин Божиновски, во претпоследното коло од плеј-оф фазата во косовскиот шампионат славеше убедлива победа против Велазними, со резултат 37:32.

Со новите освоени бодови, ракометарите на Кастриоти ја обезбедија 5. позиција на табелата. Тоа значи дека за следната сезона екипата од Феризај нема да има можност да учествува на европска сцена.

До крајот има уште едно коло, а во последниот натпревар, Станковски и неговите избраници ќе гостуваат кај актуелниот лидер на табелата, Беса Фамгас, кој после натпреварот со Кастриоти ќе биде промовиран како стар-нов шампион во Косово.

Кастриоти по завршувањето на обврските во плеј-офот ќе се подготвува за Ф4 турнирот од Купот на Косово. За титулата покрај Кастриоти ќе се борат и екипите на Дечани, Беса Фамгас и екипата на Приштина, која заедно со Беса Фамгас се главни фаворити за освојување на титулата во годинешниот Куп.