Кадетите со пораз од „фуријата“ ги отворија Медитеранските игри

Машката кадетска репрезентација на Македонија со пораз од Шпаниja 21-14 (8-7, 8-4, 5-3) го започна настапот на Медитерански игри.

Во првиот период најчесто се играше гол за гол и во финишот долго време беше нерешено, 7-7, двете репрезентации пропуштија по две-три шанси за водство, но сепак во последните секунди Шпанија погоди за предност, 8-7.

Во вториот период, набрзина „фуријата“ се одлепи на 6-3, па Матлиески мораше да вика тајм-аут. Ситуација не се промени ни во продолжение, Шпанците водеа со 8-3, за во финишот од пенал да намалиме на 8-4.

Третиот период беше исто така израмнет во поголем дел, но неколку наивни грешки во нападот и Шпанија го доби и него со 5-3. Денеска кадетите од 17:45 часот ги чека уште еден натпревар против Мароко.

Ова е турнир на кој важат експериментални правила. Освен финалето, сите други натпревари се играат во три третини по 15 минути, вкупно 45. Дозволени се три тајм-аути за двата тима. Во прелиминарната рунда, максимум бодови што ќе може да освои една репрезентација е вкупно 5. Победникот по третина добива 1 бод, а додека вкупниот победник добива 2 бода. Ако биде нерешено, секоја репрезентација добива по 0,5 бод. Во прелиминарната рунда, ако некој натпревар заврши нерешено, се шутираат пенали, а не се играат продолженија.